Манастирот Свети Јоаким Осоговски се наоѓа на околу 3 km североисточно од Крива Паланка, во прегратките на дабовата шума на Осоговските Планини, посветен е на пустиножителот и чудотворец св. Јоаким Осоговски.
Основан е уште во XII век, познат и по името Сарандапор. Токму во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век живеел испосникот шсв. Јоаким Осоговски. Тогаш во овие краишта се подвизувале и прочуените св. Јован Рилски, св. Прохор Пчински и св. Гаврил Лесновски.
Во непосредна близина на Крива Паланка (2 km од центарот) се наоѓа познатиот македонски манастир Свети Јоаким Осоговски, кој е стар 1003 години и е позната и доста посетена туристичка атркација. На 28 август секоја година во манастирот се одржува традиционалната прослава на верскиот празник Света Богородица на која доаѓаат и повеќе од 20 луѓе од градот, околината и други градови од државата.
Сарандопор (Свети Јоаким Осоговски)
Географската положба, природните и климатски услови имале пресудно значење за развојот на цивилизациите. Археолошките наоѓалишта, материјални остатоци и археолошкиот материјал го потврдуваат континуитетот и еволуцијата на животот речиси низ сите епохи. Во третиот век пред нашата ера бележиме значајни моменти од историјата на поширокиот регион на североисточна Македонија и Западна Бугарија. Во овој период врз старо селиште, во времето кога на овој простор владеело тракиското племе Дентелети, бил формиран градот Пауталија (денешен Ќустендил). Од податоците, поточно од еографската карта на Ќустендил, го регистрираме античкото име за Кривопаланечко - Ремисијана. До кога опстојувало името Ремисијана за Осоговието не се знае. Може да се претпостави, по аналогија на ословувањето на околните градови дека опстојувало и во римскиот период. Оваа област во византискиот период, со доаѓањето на Словените, го имала името Осоговие. Областа пак во делот на Осоговието каде што е изграден Манастирот се нарекува Сарандопор, има грчко потекло и во превод значи четириесет, а се однесува на четириесетте брода, слапови и свиоци на Крива Река. Средновековието на овој простор историски и археолошки има три развојни етапи. За нашето истражување е значајна втората етапа, кога оваа култура масовно се ширела и се прифаќала. Најзначајниот атрибут на оваа култура е основањето на Манастирот Свети Јоаким Осоговски во XII век, како црковно - духовно и културно јадро за овој регион.
Историјата на Манастирот Св. Јоаким Осоговски започнува со доаѓањето на светителот во областа на Осоговието и неговата света мисија на подвижување. Едно од криво паланечки најафтентичните преданија, кое во колективната меморија е присутно повеќе од девет века, знае за присуството на Норманите, кои на почетокот на осумдесетите години на XI век навлегле во Македонија. Од тие војски Св. Јоаким Осоговски бил вознемирен на своето подвизување во село Градец. Тоа било причина да избере ново место за подвижување. За таа цел ја избрал пештерата во месноста Бабин Дол, во непосредна близина на денешната локација на Манастирот Св. Јоаким Осоговски. Иако нема пишани документи за црковното наследство и организација во Кривопаланечко за периодот пред доаѓањето на Св. Јоаким бројните археолошки локалитети во кои повеќе од петнаесет се спомнуваат под името црквишта и манастиришта одат во прилог на претпоставката дека Св. Јоаким дошол во средина со развиен црковно - духовен живот.
Времето во кое живеел Свети Јоаким Осоговски
Единствените податоци со кои располага науката за животот, делото и периодот во кој живеел Св. Јоаким Осоговски (Сарандопорски) се црпат во неговото житие. За времето во кое живеел Св. Јоаким Осоговски постојат повеќе претпоставки. Според Константин Иречек, Св. Јоаким Осоговски живеел во XI век. Тој со ова само го потврдува сознанието првиот пустиножител меѓу Словените. Св. Јован Рилски живеел во Х век во времето на бугарскиот цар Петар, а Св. Јоаким, Св. Гаврил Лесновски и Св. Прохор Пчински во XI век. С. Душаник, компарирајќи ги податоците од житието, смета дека Св. Јоаким се родил во првата половина од XI век и умрел кон крајот на истиот век.
Според житието, Бог решил да го прослави својот испосник и да го обнови неговото свето место во времето на византискиот цар Манојло (1143-1180), по смена на цела една генерација од неговата смрт, што значи дека поминале 50-80 години. Ако ова време се одбие од владеењето на царот Манојло, за чие пак време во Сарандопор дошол свештеникот од Овчеполието Теодор, излегува дека Св. Јоаким Осоговски умрел кон крајот на XI или почетокот на XII век. Бугарскиот академик Јордан Иванов смета дека животописните податоци се најважни за да се определи времето кога живеел Св. Јоаким Осоговски. Со оглед на тоа што свештеникот Теодор, откако се замонашил и го добил името Теофан, изградил манастирска црква и во неа ги положил моштите на светецот 50 години по неговата смрт во времето на царот Михајло, смртта на светецот треба да се пресмета 50 години наназад т.е. кон крајот на XI и во почетокот на XII век, животот во втората половина на XI а изградбата на Манастирот во средината на XII век. Смртта на светецот Георги Трајчев ја определува кон крајот на XI век и почетокот на XII а Манастирот е изграден кон средината на XII век од игумен Теофан во времето на византискиот цар Манојло Комин. На теренот на Македонија во IX и X век се јавиле првите можности и услови за развиток на монашкиот живот, со што се развил и култот на домашните светители.
Влијанијата на еремитското монаштво (осаменичко испошништво и подвижување) доаѓаат од Византија. Тоа првично било изразено од Охрид. Монаштвото во практика сред Словените го вовеле Св. Климент и Св. Наум. Во нашата црковна традиција се граделе два начина на остварување на монаштвото - киновитско и еремитско. Киновитско монаштво претставувало организиран облик на заедница на монаси кои живееле заедно во манастир Еремитско монаштво го карактеризира осаменички испоснички живот, во чија основа лежи и повисок монашки подвиг. Еремитско монаштво кое во почетокот го прифатил нашиот Св. Јоаким го карактеризира сила, волја и верба во Бога, а страдањето пустиножителството и испосништвото се само минлива нишка од животот низ која се остварува шинот на себепредавање на Бога со самоизмачување и стремеж за остварување на сестран однос на интелектуална љубов кон Бога, низ духовен аскезис.
Почетното заживување на подвизништвото јужнословенските простори се поврзува со северните краишта на Македонија. конкретно околу планините Осогово и Козјак кај Крива Паланка, Куманово, Врање и во Злетовските Планини. Тројца од четворицата духовни браќа имале судбинска врска со Осоговието Св. Јован Рилски, Св. Гаврил Лесновски, а особено Св. Јоаким Осоговски, кој својот пустиножителски подвиг и подвижичка мисија во иемто на Бога ги поврзал и ги остварил во осоговието.
Основањето на манастирот
Освен житието на Св. Јоаким Осоговски науката не познава други пишани документи и извори за основањето на Манастирот. Житието на Св. Јоаким е зачувано во преписи од XV век наваму. Преписите се менувани и дополнувани со настани, случки и епизоди од животот на светителот. најстариот препис на житието се чува во Синодалната библиотека во Софија и датира од XV век. Житието повеќепати е објавувано и тоа според ракописот од XVI - XVII век, од В. И. Ламански во Санкт Петербург во 1864 г. од с. Новаковиќ во Белград во 1867 год., од академик Јордан Иванов во Софија во 1931 г., од Теодосија Леков во 1789 г. во Хиландар и од Д. Маринов во Софија во 1900 година. Последната верзија ја отпечатил Архирмандрит Кесариј (игумен во Манастирот) во 1912 г. во Софија. Според житието, Господ решил да го возобнови и подигне местото на Св. Јоаким Сарандопорски во времето на византискиот цар Манојло Кемин.
На Бога му било угодно самиот чин на градба да ја изразува промислата и полнотата на словото. Затоа овоземниот живот на Св. Јоаким Осоговски била доволна причина со божја промисла да се оствари словото на лобосот на ова парче света земја, во конкретен облик црква, светилиште, манастир. Промислата сакала Манастирот да не биде ничија задужбина, а самиот Св. Јоаким да биде ктитор на својот манастир.
Артикулацијата на овој свет градителски чин била предодредена преку свештеникот Теодор од Овчеполско. Тој во сон преку Божјо видение ја примил врз себе светата и кратена цел.
„Господе мој, слушнав за светиот отец наш Јоаким, кој живее во пазувите на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, со неговите свети молитви и со Божјата помош и мене кутриот ми се посака на ова место и со неговите молитви Господ и нашите чекори да ги упати кон исполнувањето на Божјите заповеди“
„Оди чедо, со мир Божји, со благодети“.
„Се разбуди Теодород сонот и разбра какво видание и каков благослов прими, го прослави Бога и светиот и не кажа што виде. И дојде пак во спомнатото место, се насели таму и рече: Овде е покојот мој за цел век, овде ќе се населам бидејќи го засакав ова место“. По малку време откако Теодор се замонашил и го добил името Теофан како прв игумен, со помош на месното население ја изградил првата манастирска црква. Чинот на основањето на Осоговскиот Манастир се случил така како што било запишано. Педесет години од упокојувањето на светителот, неговите мошти Теофан ги поставил во саркофаг во внатрешноста покрај западниот дел на црквата, каде што и ден денес ја искажуваат својата исцелителна и лечебна моќ. Така во овој дел од македонската земја се појавил непресушен вруток на духовно јадро околу кое Х века пулсира црковниот, духовниот и културниот живот во Кривопаланечко и пошироко со и низ Манастирот Свети Јоаким Осоговски.
Некои фрагменти од житието, како оној дека игуменот со калуѓерите ги пеел часовите пред црквата, се искористени од С. Новаковиќ и од некои современи автори за тезата дека првично бил изграден мал храм. Кој е тој мал храм? Од денешните два храма помалиот е посветен на Света Богородица, а не на Свети Јоаким Осоговски. Претпоставка е дека пред изградбата на Големиот храм посветен на Св. Јоаким Осоговски (1847/51) год. под темелите се наоѓа во првиот храм на Св. Јоаким Осоговски. Археологијата и воопшто науката се уште ја немаат дефинирано оваа претпоставка. Дали со основањето на Манастирот во XII век се изградени два храма и кај е првоизградената? За ова сѐ уште нема одговор. Како и да е, најстар црковен објект денес во манастирскиот комплекс е црквичката Рожденство на Пресвета Богородица датирана во XII век. Манастирот Св. Јоаким Осоговски се наоѓа на неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен во прекрасните падини на Осоговските планини во месноста Бабин Дол. Првичната локација според житието се вика Манастирски Рид.
Двата храма, едниот посветен на Св. Јоаким и другиот на Света Богородица се лоцирани на пространо и питорескино плато со камбанеријата. Географската диспозиција на двата храма, како и разиграноста на придружниот архитектонски ансамбл, го прават еден од најмоменталните манастири на Балканот. Со основањето, манастирот Св. Јоаким Осоговски станал дел од историските текови на животот, дел од вечната смисла на животот на Кривопаланчани и на нивната заветувана света должност на својот патрон и заштитник да му изградат манастир и да му воспеат химна на вечното животворно слово. Вистинскиот храм ги сплотил луѓето низ векови и им дал надеж во допирот со вечноста.
Свети Јоаким Осоговски во народната традиција
Длабокото верување на кривопаланчани во моќта на Св. Јоаким Осоговски наоѓа најафтентичен израз во колективната меморија која на пластичен начин од колено на колено регистрирала и зачувала повеќе преданија во кои доаѓаат до израз чудата, исцелителноста и заштитничката моќ. Чудотворното дејство на Св. Јоаким Осоговски во повеќето кривопаланечки преданија е поврзано со неговиот Манастир, за кој, како што е кажано во житието, тој самиот се грижел. Оттука и преданијата посебно ја афирмираат светителската заштитничка функција врз Манастирот, но и пошироко врз кривопаланечко, со што се потхранува влијанието кај верниците изразено низ психолошкото и моралното воздејство на интерактивната врска на народот со Манастирот и Народната традиција во кривопаланечко воспоставува врски на Свети Јоаким Осоговски со Свети Јован Рилски, со Свети Прохор Пчински и со Свети Гаврил Лесновски, која доаѓа до израз и во житието на Свети Јоаким Осоговски, каде што тие се споменуваат како „чесна четворка, богоизбрано друштво, трудољубиви христови работници, кои излегоа со ралото да направат бразда и да посеат семе духовно и да го дожнеат достасаното класје добродетелен плод на Христа да му принесат. Припадноста на иста вера, на иста идеја, ја потикнува народната традиција да го прифати тврдењето дека тие биле браќа, испуштајќи ја на моменти духовната врска која е основа за воспоставување на Љаков однос. Најстаро кривопаланечко предание, кое подоцна е пренесено и во други краишта и од разни автори толкувано и како пчинско или лесновско, освен што покажува дека се проширило. Со ништо не ја загубило својата автентичност и изворност. „Четворицата големи сподвижници, браќата Јоаким Осоговски Прохор Пчински, Јован Рилски и Гаврил Лесновски целосно посветувајќи се на христијанското учење, решиле ова да го остваруваат одделени од светот во една пештера во Лесновската Гора. Речиси триесет години браќата се подвизувале, не потклекнувајќи им на искушенијата.
Откако се разбрало за нив, решиле да се разделат и секој сам да се одаде на испосништво. Се договориле да вечераат и да си легнат. Кој прв ќе се разбуди да појде кај што сака, не кажувајќи им на другите. Прв се разбудил Св. Јован Рилски, кој бил и најстар. Тргнал во пат на правец на исток и приквечер стасал на планината Рила, каде што и останал. По него се разбудил Св. Прохор Пчински, тргнал на запад и барајќи највисока планина се запрел на Козјак Планина, Свети Јоаким Осоговски отишол на планината Осогово, во месноста Сарандопор, Св. Гаврил Лесновски се разбудил последен, видел дека сите заминале, па решил да остане во Лесновската Гора. Кривопаланечките преданија се во тесна врска со житието на Св. Јоаким Осоговски, со тоа што цените се дополнуваат и се збогатуваат со мотивски елементи, па дури и се надградуваат. Таков е случајот со преданието што го кажува Протореј - страврофор.
Добрислав Бошковски, архиерејски намесник, во кое е потенцирана заштитната функција на светецот врз својот манастир во турскиот период, за време на патрониот празник на Св. Јоаким Осоговски, во Манастирот се собрале голем број луѓе по традиција за да му одадат почит на патронот на ова народно светилиште и заштитник на Крива Паланка. Од Крива Паланка кон Манастирот со аскер се упатил турскиот паша со цел за да го растури црковно - народниот собор. Во ова не успеал, зашто луѓето дале силен отпор. Револтиран, посегнал по моштите на Свети Јоаким. Само што се спуштил со придружбата во Бабин Дол во местото Крстот (Света Вода), веднаш се фатил, како да го прободел меч. Наредил да се вратат моштите во Манастирот. Во истиот момент се почувствувал здрав како ништо да не било. Веднаш потоа напишал писмо до великиот везир во Истамбул и ја опишал непријатната случка, залагајќи се за заштита на ова свето место. Наредбата што стигнала од Истамбул се однесувала на директна заштита на Манастирот, со забрана никој да не смее да посегне по неговата светост. Оттогаш е поставен турски знак кај Манастирот како сведоштво за овој настан, но и како заштитен знак. Следното предание, иако во дел почива врз фантастичен мотив во суштина ја потврдува моќта на крстот и верата, светецот конечно да дојде до избраното место - Бабин Дол во Осоговската Планина.
Свети Јоаким се доселил првин по долината на Крива Река покрај левиот брег, во месноста каде што денес се ословува како Пашина воденица во с. Кркља. Мислел дека ова треба да му биде избрано место за неговата мисија на подвизнување. Арно ама забележал дека тука поминала лисица. Ова ќе биде пат, тука ќе поминуваат луѓе, а јас нема да имам мир, си мислел светецот. Тргнал да бара друго посоодветно место. Се упатил низ течението на Бабин Дол. Тогаш пред него се појавил нечестивиот во облик на змеј. Светецот не се престрашил. Со крстот в раце тргнал напред. Змејот буквално се распрснал пред силата на крстот. Ова место и ден-денешен се вика Крст. Тука веднаш се појавил извор на Света вода, која е лечебна и не пресушила до ден денес полни десет века. Во блиска околина на Крстот, Свети Јоаким ја пронашол пештерата во која во мир долги години се подвизувал живеејќи испоснички живот со вера и љубов во Бога. Во преданието се кажува како месноста во која се подвезувал Св. Јоаким Осоговски го добила името Бабин Дол.
Разбравме Турците по освојувањето на овие простори за силата на Св. Јоаким Осоговски и за големото влијание што го остварил врз месното население во кривопаланечко, а тоа не им се допаднало. Сакале да го пронајдат Манастирот во секоја цена и да ги застрашат калуѓерите за да не го шират влијанието на светецот. Никој не им кажувал каде се наоѓа Манастирот. Недалеку од Крива Паланка на исток, сретнале една баба, се посомневале во неа и ја распрашувале за манастирот. Откако не добиле никаков одговор, ја врзале и ја мачеле, по што таа им рекла да ги следат гуските и шатките што од Крива Река се враќале и угоре низ потокот и ги проколнала Бог да им плати за злоделата.
Така Турците ги откриле испосничките ќелии на осоговските калуѓери во месноста Царски двори (денес остатоци - ѕидини над Крстот), ги убиле калуѓерите и разурнале дел од Манастирот мислејќи дека со тоа ќе го уништат ова народно светилиште, а со тоа и верувањето на светителската моќ на свети Јоаким. По ова Манастирот уште повеќе зајакнал, а калуѓерите десет века гордо му служат на свети Јоаким и на Бога.
По таа случка, месното население овој дол го нарекол Проклет Бабин Дол, а потоа името се трансформирало во Бабин Дол.
Следното предание исто така кореспондира со житието. Во него се содржани два мотива. Едниот се однесува на изборот на свети Јоаким Осоговски на местото за градба на манастирот, а вториот ја потврдува исцелителната моќ на светецот.
Кривопаланчани решиле на својот светец и заштитник да му изградат манастир. Меѓутоа, никако не можеле да се решат за местото на изградба. На неколку чесни луѓе светецот им се јавил на сон и им рекол дека тој го фрлил својот испоснички стап во близина на пештерата во која се подвизувал. Таму каде што ќе го најдат стапот - да го изградат манастирот. Местото не било погодно за градба. Настанало разочарување. Светецот повторно им се јавил на сон и посочил попристапно место, она на кое денес е изграден Манастирот.
На местото каде што бил пронајден испосничкиот стап на светецот, бликнал извор со исцелнителни и лечебни својства, кој не пресушил до денес.
Народното предание го опишува патешествието на Свети Јоаким Осоговски од Лесновската Гора до месноста Градец во Кривопаланечко.
На својот нат од Лесновската Гора кон Осоговието, Свети Јоаким се задржал во село Баштево (Кривопаланечко). Местото му се допаднало и тој ноќевал тука. Арно ама, утредента забележал дека тука поминал волк. „Штом минуваат волци нема да имам мир и ова место не е за мене", си рекол. Така, светецот го продолжил патот и истиот ден пристигнал во селото Градец, влегол во црквата и во себе ја почувствувал силата на провидението. Веќе со сигурност знаел дека целта е тука пред него и дека наскоро ќе го најде посакуваното место за подвизување.
Во ова предание се потенцира духовната мисија на пустиножителите Св. Јоаким, Св. Прохор и Св. Гаврил Лесновски. Во него доаѓа до израз духовната сила и заштитничката моќ на св. Јоаким врз својот манастир, онака како што е запишано и во неговото житие, односно дека тој самиот ќе се грижи за него.
„Биле три брата, много одадени на Бога, ама и надарени. Живеале у една густа гора сами, одвоени од светот. Имале виедение на с'н. Јавил им се севишниот и ги упутил што да прават и чинат. По видението, им било јасно дека са задужени да работат на просветата на својот народ. Решиле што требе да прават и пошле на три страни. Свети Јоаким дошол у Осоговието, Прохор Пчињски у Пчиња, а Гаврил у Лесново. Така никнале манастирите и станале просветни центри. У турско време турски паша решил да се подигра с'с моштите на Свети Јоаким и да ги однесе. Арно ама к'д дошол до изворот на Света Вода целиот се укочил. Светијата му помогнал и га опоменал дека с'с моштите и манастирот никој не може да се подиграва. Пашата се вратил назад с'с војската и наредил да не се пипа ништо што е манастирско". (Забележано на изворен кривопаланечки дијалект, Ј. М.)
За едно од покарактеристичните преданија се смета преданието од с. Градец. Селото Градец е едно од најзначајните месности од средновековната кривопаланечка историја, средновековна населба од која болјарот управувал со целата жупа. Градец била најзначајната попатна станица на свети Јоаким Осоговски пред да дојде во Осоговието.
Во селото Градец, од долните краишта, на магаре пристигнал еден старец. За својата испосничка мисија одбрал едно место во денешното маало Петковци, на врвот на селото. Тоа било една пештера во која се влегувало на колена. Во карпите издлабил место и за своето магаре. Трага од копито и ден-денешен постои издлабена во една карпа до пештерата. Разбрало месното население за старецот. Тој, за да може во мир да му се посветува на Бога, се повлекувал дење во длабоките шуми кон село Баштево а навечер се враќал на ноќевање во пештерата. Минувало низ овие простори некое воинствено племе, а старецот почувствувал дека подвизувањето му е нарушено. Зел лак и стрела, па стрелата ја исфрлил високо во небесата. Стрелата паднала далеку на исток. Старецот ја пронашол во месноста Бабин Дол. Местото многу му се допаднало и решил тука да остане. Така и било, таму останал до крајот на својот живот.Ова предание се надополнува со она според кое Свети Јоаким, пред да пристигне во с. Градец, божем кратко време живеел и во с. Мартиница.
No comments:
Post a Comment